Korupciski otpechatok logo

Корупциски отпечаток – Игра-тест на морален интегритет

Kорупцијата е форма на нечесно или неетичко однесување од страна на лице кое има позиција на авторитет, честопати заради стекнување лична корист. Корупцијата најчесто вклучува мито, поткуп, проневера, непотизам и сл. Кога во фокусот на интерес е корупцијата од личен аспект, може да се каже дека индивидуите со изграден (морален) интегритет ќе бидат поотпорни на коруптивни однесувања.

Интегритетот значи (подразбира) правење „добри“ работи, дури и кога никој не го бара тоа од нас. Интегритетот е темелна морална доблест и темел врз кој се гради добриот карактер. Интегритетот е критична врска помеѓу етиката и моралното дејствување.

Дејствување со интегритет значи разбирање, прифаќање и избор на живеење во согласност со сопствените принципи, што ќе вклучува искреност, праведност и пристојност. Лицето со интегритет постојано ќе демонстрира добар карактер со тоа што ќе биде ослободено од корупција и лицемерие. Интегритетот се открива кога луѓето дејствуваат „исправно“, без оглед на околностите или последиците. Ова често (можеби и секогаш) бара одредена свесност и знаење за моралното однесување, бара морална храброст и морална мотивација.

Прашањата во овој тест на иновативен и забавен начин имаат за цел да ги соочат корисниците со појавата на корупција и личното учество во истата (свесно или не свесно, со намера или без) прикажувајќи го нивниот личен корупциски отпечаток. Тестот се состои од 12 сценарија во кои корисниците треба да донесат одлука за постапката која би ја преземало лицето во сценариото. Сценаријата во тестот се групирани во четири видови на мотивација кои се однесуваат на регулацијата на сопственото однесување преку само-ограничување односно воздржаност; на постапување (или не) во согласност со социјалниот ред, на самоувереноста односно самодовербата на индивидуата и на тенденцијата на однесување која е во согласност (или спротивна) со социјалната правда.